ЗА РЕАЛАЦИЈАТА КНИЖЕВНОСТ-ИСТОРИОГРАФИЈА

Прашањето за односот книжевност-историја, односно книжевност-историографија, е старо прашање. Тоа секогаш, кога повеќе кога помалку, било актуелно и предизвикувало расправи. Него го држи како актуелно пред сî книжевноста, создавањето книжевни дела лоцирани во минатото и засновани на историографијата. Самата историографија тука е пасивна страна. Историографите главно не се вклучуваат во дискусијата дали и како писателите се користат со неа. Едно прашање кое се поставува во дискусиите и кое ги усложнува работите е прашањето дали и самата историја не е фикција. Уште во оние почетни времиња, Херодот е напаѓан што, божем, измислувал приказни за поубаво да прикаже некои аспекти од атинскиот живот, а не се држел до фактите. Од времето на Херодот понатаму, историјата како наука, базирана на историографијата, се еманципираше, но ни до денеска еве не исчезна прашањето дали и самата историја не е фикција.

За да може да се постави некаков однос спрема оваа тема, најпрвин би требало да се знае што е книжевност, односно фикција, а што е историја, односно историографија, како документарна база на историјата. Овде обично се почнува со тоа што се вели дека фикцијата или историската фикција не е она што е историјата, дека задачата на историјата е да ги прикаже настаните што поточно, додека задачата на историската фикција е, преку перспективата на ликовите во приказната, да му овозможи нему да почувствува дека тој самиот е присутен во настаните. На ова рамниште имаме неверојатно дамнешна свест за тоа што е историја а што фикција. Во тој поглед, мене ме восхитуваат двајца автори – Плутарх и Вук Караџиќ. Еве го Плутарх кога ја започнува приказната за Александар:

„Всушност, ние не пишуваме историја туку животопис… Честопати само некое безначајно дело или беззначаен збор или дури и шега, подобро го објаснуваат карактерот на човекот отколку битките во кои загинале илјадници борци или најголемите освојувачи на градови. Сликарите, како што е познато, настојуваат да постигнат сличност… сосредувајќи се на лицето и на изразот на очите, со што се открива значењето, а многу помалку внимание му посветуваат на остатокот од ликот…“

Караџиќ пак ја има дадено една од насјсведените дефиниции за односот фикција-историја, кога на лутината на кнезот Милош зошто во некоја песна за бојот кај Чачак, тој не е, според него, прикажан како што би требало, на кнезот му напишал дека таа песна не е историја, дека во историјата се гледа како се случило, а во песната „како е наместено“. Ми е жал што овде не можам да го наведам точниот извор на зборовите на Караџиќ, се сеќавам само дека сум ги сретнал цитирани во една статија во „Политика“, пред повеќе години.

Со еден збор, на писателите кои пишуваат историски романи, историографијата може да им послужи само како терен на настани и луѓе, кои потоа израснуваат во расказ од фикционален карактер. Историјата, односно историографијата е терен за фикционални дела особено на Балканот и, не малку, во македонската книжевност, исто така и во српската и во другите, како во минатото така и денес. Кај нас во Македонија, на фонот историје и со помош на историографијата, создадени се извонредни дела, како што е, да речеме, романот „Пустина“ на Ѓорѓи Абаџиев, „Пиреј“ на Петре Андреевски, роман сместен во времето на Балканските војни, романите на Ташко Георгиевски во рамки на таканаречената „егејска тема“, еден број од книгите на Славко Јаневски, романот на Слободан Миковиќ „Александар и смртта“, еден од најдобрите романи, објавен и овде во Белград кај „Архипелаг“ итн. Еден за мене многу драг пример за ова за што разговараме, е романот „Доротеј“ од Добрило Ненандиќ. Тој роман лежи во средновековната историја на Србија, токму во една подлчабока историја, но тука историјата е некаде во позадината, таа е само фон, додека сето друго се карактери, луѓе со различни сремежи и мани, на крајот тоа најмногу е една потресна љубовна приказна. Уште еден пример во оваа смисла е романот „Големата војна“ на Александар Гаталица, којшто во 2012 година ја доби НИН-овата награда.

Голема среќа е кога за пишување на историски романи ќе се зафатат талентирани писатели, а голема несреќа е кога за тоа ќе се зафатат неталентирани. Во еден мој расказ, еден од ликовите му вели на друг лик: „… Не сум го читал тоа сведоштво за коешто зборуваш. Мора да е тоа некој расказ, фикција“. „Не е така“, вели оној другиот, “Дури и литературата, кога е пишувана од слаби писатели, не е баш некоја фикција“. Го споменав извондредниот роман „Александар и смртта“ од Слободан Мицковиќ за Алакесандар Велики, односно за големиот момент на смртта, момент, како што е веќе речено, „во истовреме и сурово стварен и со исклучително симболичен карактер“. Но за истата оваа персона, за Александар, направени се кај нас и грди книги на чии промоции се собира многу свет и каде што обилно се јаде и се пие. Еден поттик за ова е тоа што власта во Македонија во последниве години е во една „преродбенска“ возбуденост, таа настојува да нî прероди нас во антички Македонци.

Балканот е една специфика. Балканот секогаш се соочувал, како што некој рекол, со отсуство на слобода или со бегство од слобода. Значи, или надворешен или внатрешен проблем. Секогаш, во секоја криза, се јавува врзување за херојски, за митски ситуации од минатото, кои евентуално обезбедуваат рационализација за актуелната несигурност и неуспеси. На тие нешта понекогаш подлегнува и писателот не само како граѓанин, туку и како уметник, подлегнува на националистичките побуди. Иако за уметноста темата не е одлучувачка, сепак се случува од тоа да произлезе хетерономна книжевност и Балканот, како што вели Иван Чоловиќ, да се претвори во терор на културата. Писателот никогаш не бил надвор од балканските историски контексти. Во многу балкански случаи на историјата, писателите се тие кои го туркале тркалото напред. Тие се учесници и дури понекогаш и лидери на ренесансните процеси, особено во деветнаесеттиот век, а кога веќе се конституирале балканските држави и се етаблирала власта, на писателите полека им се притеснува просторот и тие се соочуваат со цензура. Понекогаш начинот на којшто книжевноста го гледа животот се прима како закана за поредокот којшто сака да го одржи една власт. Оттаму, и кога книжевноста е во прашање, произлегуваат последици поврзани за слободата на говорот и на пишувањето. Од друга страна, еден број писатели, дури и во најновите времиња, мислат и дејствуваат како национализмот да им е инхерентен на јазикот и на книжевноста. Така, Балканот постојано се движел низ нестабилност и повеќе или помалку останува „вкоренет во репресивната пранса на минатото“.

Сî на сî, книжевноста е прашање на внатрешниот, а не на надворешниот став и тоа мора да дојде во прв палн кога се работи за неа и, во овој случај, кога се работи за дела базирани на она што може да го понуди историографијата. Нејзината улога не е да презема директна одговорност за светот како што понекогаш би сакале ние, пишувајќи книга која би ја утврдила позицијата на нашата нација како најстара и најмудра. Писателот е поединец, нема такво нешто како што е објективна визија, туку е во прашање индивидуален сензибилитет наспрема другиот човек и светот. Има право Драган Великиќ кога во неговиот одличен роман „Руски прозорец“ вели: „Пишување е секогаш прво лице. И кога си Богдан, и кога си Ирена. И кога си Херман, Даниел… Ја пишуваш својата приказна

Макар кој и да си ти.“ Во начело, ова важи и за романот на историско, односно на историографско тло, бидејќи принципите на фикционалното остануваат исти независно кога и каде е лоцирано делото.

(Текстов е поднесен на Белградската ПЕН конференција, 6-9 ноември, 2014)