Алан Браунџон

Поезијата на Башевски

(Од предговорот кон книгата “Привремен престој”, Форест боокс, Лондон, 1997)

Башевски е романсиер со висока репутација во неговата родна земја Македонија, постојано фален за неговата раскажувачка умешност, богатство и фина интелигенција. Не е реткост автори со ваква репутација, подоцна во својата кариера, да се зафатат со друг жанр. По објавувањето преку дваесет романи, Ајрис Мардох за кратко се сврти кон поезијата. Харолд Пинтер, кој почна како поет и по објавувањето на толкав голем број драми, сега повторно, од време на време, амп; се враќа на поезијата. Но свртувањето кон поезијата со толку срце, така целосно и толку успешно, како што го прави тоа Башевски, е реткост за еден автор. Потребата од предизвици е една од многуте присутни теми кај него; овие преводи овде сугерираат дека тој триумфално се соочил со овој самокреиран предизвик во користењето на неговиот изобилен талент…

Еден брз поглед на овие песни би покажал поет чија поезија, макар често алегорична и фантастична, е секогаш чиста и едноставна во начинот на кажувањето и во пораката. Песните ја имаат свежината на писател нов во поезијата, но исто така поседуваат и софистицираност – и авторитет – кој произлегува од големата вложена работа за да се постигне мајсторство во една друга форма. Подолгиот поглед пак открива острина, една интригантна двосмисленост, кога се во прашање неговите вообразби и мали приказни. Потребно е внимателно читање за да се дофати тонот и она што му го добавуваат на читателот овие песни…