Бранко Цветкоски

Импресии по прочитувањето на изборот поезија Белег. Сон

... Во годините на својата творечка зрелост, докажана со деценискиот влог во македонската романсиерска и прозна литература, во годините на својот зенит и на реална извишеност низ мудроста и прозрачноста на своето раскажувачко мајсторство, Димитар Башевски, некаде кон врвот на книжевното сознание и животниот опит, пронајде причина на својата литерарна прокуда да $ даде нов пат, нов произлез – преку поезијата. Објавата на тој природен порив се збидна во 1987 година со стихозбирката „Куќата на животот" и до последната поетска книга „Во дланката своја си гледам" се наредија уште четири книги стихови низ кои тој во македонскиот поетски простор ја воспеа драмата на личноста среде егзистенцијалниот и етичкиот вртлог на човековото траење. Неговиот поетски говор наликува на класична соната за минливоста, но и на херојска етида за единствениот подвиг на човекот – да го изврви животот стамено и достоинствено. Да остави аголна трага и за миговите после земниот престој.

Можеби македонската книжевна критика после извесна дистанца, доволна за соочување со трајните придонеси на книжевните протагонисти, не ќе може веќе за сметка на поетскиот да го фаворизира раскажувачкиот влог на Башевски. Јас верувам дури дека во целата негова доминантно прозна отсечка во литерарната биографија, од самиот почеток се криел еден свиден, дури прозрачен, поетски котелец кој ја крепи сигурноста на целата негова прозна градба. Во тоа ме уверуваат неговите песни и неговите поетски книги во кои, се разбира, не се изрекува конечниот суд за светот и за човекот, туку се искажани трајни, тревожни и тешки стихови за судбината на човекот....