Jасмина Врбавац

КИНЕСКАТА КУТИЈА НА ДИМИТАР БАШЕВСКИ

(Поговор кон српското издание на Бунар, Архипелаг, Белград, 2010)

Бунар од Димитар Башевски претставува своевидно откровение кое укажува на тоа дека можностите за спој на традиционалниот и постмодерниот ракопис во рамки на современиот роман, сè уште не се исцрпени. Андриќевиот и Селимовиќевиот онтолошки хоризонт е препознатлив во тематскиот корпус на романот: единката и заедницата, човекот и историјата, индивидуата и политиката, етичкото и психолошкото димензионирање на ликовите во поширок контекст во кој архетипското проблеснува под романескниот дискурс. Реалистички прецизната, избрусена реченица од андриќевска провиниенција се препознава и на семантичкото ниво на Бунар во кој тематски и стилски се мешаат одгласите на Селимовиќевиот Дервиш и смрт и Андриќевата Проклета авлија.

Романот е обликуван во посмодерен код како приреден ракопис во чие ткиво се инкорпорирани уште неколку текстови кои го поткопуваат главниот текст. Централниот наратив му припаѓа на педесетгодишниот Симон Поцо, писателот кој се враќа во своето родно село Маказар со намера да напише хороника, „повест“, посветена на сопственото семејство и на селото од каде што потекнува. Другата наративна линија му припаѓа на гласот на Симоновата жена Агна, чии размислувања/белешки стануваат своевидни одговори на неговите писма/извештаи кои истовремено можат да бидат и исповед и приповед, и дневнички белешки, и самиот ракопис на делото. Додека Гласот на Агна има улога на контрапункт на Симоновите сведочења кој го денунцира главниот текст, третиот ракопис, пронајдениот животопис на Симоновиот предок Никола Поцо, поставен е како огледало, како зададен модел од минатото според кој ќе се одвиваат и настаните во сегашноста.

Покрај овие три наративи, назначено е и присуството на уште два текста чие постоење само имплицитно се навестува: едниот се документи од архива, хроники на Маказар кои ги толкува локалниот историчар Владe, другиот е истражување на тема психологија на масата којшто во рамки на политиколошките студии го пишува Агна. За нејзиното истражување нема ни збор во романот, но заклучоците се наметнуваат посредно, преку следењето на однесувањето на самите селани, на заедницата која настапува како маса, а не како низа поединци, така што Бунар може да се толкува и како прилог кон истражувањето на Агна. Умножувањето на бројот на ракописите, конкретните и оние кои се исчитуваат посредно меѓу редови, место да ги осветлува настаните од повеќе агли слагајќи роман–мозаик, тоа умножување, меѓутоа, твори наполно нова конструкција на меѓусебно спротивставени документи кои како позитив и негатив постојано го негираат веќе реченото. Симоновиот ракопис е поткопуван од наративот на Агна, на биографијата на Симоновиот предок Никола Поцо, со посредство на историчарот Владе, ì се спротувставени навoдни историски документи за историјата на селото, а читателот е принуден да го менува мислењето губејќи ја секоја објективна точка на гледање и потпорa коja може да пружи конечни одговори. Во романот нема наратор кому може безрезервно да му се верува, секој исказ предизвикува сомневање и на ова место Башевски вешто ги сублимира искуствата на еден Селимовиќ со искуствата на современиот прозен видокруг.

Романот започнува со конвенција, со сликата на писателската агонија пред празниот лист хартија, а замаец на новиот ракопис станува моментот кога селото останува без вода заради еден од типичните транзициски ликови, криминалец со политички врски. Симон ја открива својата судбинска задача, на своето родно село да му помогне обезбедувајќи му вода по примерот на предокот Никола Поцо, а истовремено со тоа тој за своето дело што го почнал добива архетипски мотив на вечна борба на човекот со природата како окосница на повеста на семејната и маказаречката историја кои меѓусебно се преплетуваат. Тоа е и моментот во кој се отвора политичкиот контекст на делото, подоцна заокружен со Симонивите нејасни врски со политичката елита на Македонија како и со приказната за партиски поделеното и раскарано село, но дневнополитичкото милје, иако препознатливо, ни во еден момент не се наметнува самото како слика на современиот момент, туку пред сè, преку поврзувањето на минатото и сегашноста, се стреми кон воопштување.

Симон на Димитар Башевски во некои аспекти е можна верзија на Селимовиќевиот Ахмед Нуредин, кој исто така може да се толкува и како раскажувач кому не можеш докрај да му веруваш, кукавица, тип со политички аспирации, човек којшто настапува од интелектуални позиции и на мигови изгледа дека повеќе му е важна универзалната Правда, отколку да се спаси братот. И Симон е тип на интелектуалец кој оптира со политиката иако декларативно стреми кон универзалното Добро, но и човек за кого не е сосема извесно дали е способен да го почувствува и страдањето на поединецот, дали неговата хуманост и емпатија се наоѓаат само во зборовите, во интелектуалниот порив, но не и во срцето, и дали затоа во оној момент кога тие преминуваат во дела, доживуваат крах. Башевски како да се надоврзува на Селимовиќ, но додека Селимовиќ го воведува ликот на Хасан, кој верува дека спасувањето на братот не може да се доведува под прашање заради виша правда, туку дека правдата може да се оствари само преку поединечното спасување, т.е.дека универзалното го нема, ако го нема во поединечното, во Бунар нема позотивни нишки на ликови чија етика не се доведува под прашање. Агниното бласфемично сведочење е насочено против човекот кого целиот живот го поддржувала, премолчувајќи го сопственото мислење, и со тоа посредно учевствувала во појавата на она коешто подоцна го критикува. Колективниот комплот и побуната на селаните против Симона доаѓа од сферата на најниските побуди, во голема мера е лишена од смисла и метафорично е претставена како деструкција по себе. Обидот на Симона да ја преземе улогата на Бог, демијург којшто ќе „донесе“ вода, е презрен и „закопан“ без вистински причини, со наполнувањето на бунарот како симбиличен чин на каменување на самиот Симон. Понижен од страна на сонародниците, изневерен од страна на жената која го остава, а за тоа тој и да не е свесен, поразен од братот којшто најавува дека ќе му ја земе и куќата, Симон станува трагичен јунак за кого не може докрај да се утврди дали е невина жртва (пхармакос од античките трагедии, трагичен лик којшто трпи казна без вистинска вина, односно ја трпи поради наследената вина како Едип) или самиот за неа е заслужен. Бунар, покрај другото, е современа приказна за човековиот пораз, хроника на падот која може да се согледува од становиште на архетипската димензија.

Башевски, меѓутоа, оди и натаму, така што античкиот мит за наследениот грев го комбинира со иронизирањето на идејата која во текот на југословенските војни беше поттикната од политичкиот концепт според кој традицијата, историјата и потеклото, се клучните компоненти без кои, наводно, не е можно да се доврши личната, ниту националната индивидуација. Едно од централните прашања на романот е дали Симона го поттикнува личната хуманост или го поттикнува опседнатоста со предокот и зошто во формирањето на личноста често е вклучена и потребата минатото да се идеализира. Слабост и недостиг на самоддоверба ги карактеризира сите ликови во романот: Агна, иако незадоволна од бракот, не го напушта мажот бидејќи не се чувствува доволно снажна без неговиот успех; селаните настапуваат исклучиво како колектив и единствено така имаат сила да ги поткопуваат Симоновите настојувања; на самиот Симон не му е доволна сопствената убеденост дека прави нешто позитивно, туку му е потребно да се потпре и на паралелизмот што го пронаоѓа меѓу предокот и личното дејствување. Заради потврда на сопственото дело во сегашноста, тој се потпира на минатото онакво какво што го согледува тој и во тоа настојување тврдоглаво ќе ги пренабрегне не само историските документи туку и фактот дека автентичноста на пронајдениот ракопис, колку и заводливо тој да нуди убедливост, не може да се провери бидејќи носи во себе субјективност на наменски пишуван животопис.

Како што животописот на Никола Поцо пишуван со раката на извесен учител носи во себе само привид на објективност кој се открива дури кога Башевски ќе воведе и други, наводно историски документи кои го побиваат ракописот, така и другите субјективни раскажувачи во романот, раскажувачи на кои не може да им се верува докрај, се препознаваат и се проѕираат дури во судирот со другите нараторски гласови. Ниту гласот на Агна, кога го открива наличјето на Симоновите искази, ниту директно спротивставениот глас на историчарот Владе, потомок на противничкото семејство на Симоновите предци, како ни гласовите на селаните, не можат да се прогласат за сигурни и релевантни сведоци. Секој од свој агол во своевидна наративна рашомонијада ги оспорува и ги поткопува веќе усвоените станивишта. Во концентрични кругови, приказната се открива како до крај неспознатлива.

Факторот на неспознатливост е во директна врска со иронизацијата на историјата како документ чија вистинитост не се доведува под прашање. Постмодерната теорија за историјата како фикција која не подлежи на вистина туку на спекулација, една е од доминантните теми кои Бунар ги преиспитува, а сомнежот, како неизбежен мотив на современата книжевност, е доведена до перфекција со посредство на неверодостојнливите наратори во чии искази не може докрај да се верува.

Токму на прашањата за поимот на историјата во постмодерен контекст, Башевски пронаоѓа решенија мошне поразлични од оние на Андриќ и Селимовиќ, а постмодерните аспекти на романот се согледуваат и во начинот на прикажување на конфликтот меѓу поединецот и заедницата. Додека во светот на Андриќ и на Селимовиќ е доминантно настојувањето да се даде, меѓу другото, една можна слика на историјата, на епохите, на конкретниот простор (Андриќ), или под маската на историскиот настан, вечните теми на судир на поединецот, на општеството, на политиката и етиката, парадигматично да се вклучат во современиот контекст (Селимовиќ), Башевски ги поврзува историјата и современото, ставајќи ги двата поима под сомнение како конечно неспознатливи во својата интеракција. Кон историското ниво на приказната кое низ преданието, архивата и пронајдениот животопис пружа увид во колебливото минато, се придружува современиот контекст во кој историјата се повторува и се огледува во речиси истоветни форми, наметнувајќи го заклучокот за неможноста од пронаоѓање сигурна точка на посматрање и на дофаќање на конечна вистина. Познатата теза на Френцис Фукојама од крајот на дваесеттиот век е една од темите кои вршеа големо влијание на литературата кон крајот од дваесеттиот век. Таа овде одново се преиспитува, не само за да се апострофира неможноста од спознавање на историјата, односно нејзината фикционалност, туку и за да се анализираат психолошките аспекти на човековата индивидуација која без компонентите на минатото, тешко се заокружува. Колку е човекот условен од знаењата што ги има за исоријата, колку традицијата, преданието, фактичката историја, се неопходни аспекти на личноста, може ли да се постигне индивидуација без присуство на таа компонента, се прашања кои Башевски ги разгледува поставувајќи паралели меѓу Симона и неговиот предок, како и меѓу „ликот“ на селото и она што е задржано во колективното паметење и, конечно, меѓу историчарот Владе и наводните документи за историјата на селото.

Со оглед дека романот се одвива во врменски распон од една година и дека односот на историјата на селото и Симоновиот предок Никола Поцо се повторува и во судбината на Симон и во неговиот однос со селаните, забележливо е внесувањето на уште една димензија на романот, онаа која укажува на можноста од цикличноста на историјата, инаку карактеристична за митското време во кое, во рамки на дневниот, годишниот или подолг временски период, циклично се појавува смената на денот и ноќта, годишните времиња, но и животниот циклус, смената на владателите итн. За таквите општества карактеристичен е ритуалот и верувањето дека не постои историја ниту протек на времето каков што познава современото општество. Архетипската димензија на романот е препознатлива и во контекстот на преиспитување на одредниците зло/добро, кое Башевски го постигнува со постојаното одбегнување на веќе освоените знаења, со поместувањето на точката на посматрање од еден на друг нараторски глас, со неможноста да се установи каде се наоѓа вистината. Современото толкување на митот не ги познава категориите зло и добро, тие и во овој роман на особен начин се преиспитуваат. Колку и да се чини дека негативната етичка димензија преовладува во постапките на главните ликови, за нив не може да се донесе конечен суд, бидејќи фактите постојано ни бегаат. Нивните колебливи од аспект на доверба сведочења, субјективни и под влијание на повеќеструки мотиви поставени во ист ранг со можното, но не докрај дефинирани, од ликовите на Бунар прават загатки. Дали Симона навистина го поттикнуваат алтруистички мотиви или е тоа исклучиво користољубието и дали е тоа предизвикано од егоистичната потреба за признание или за стекнување на политички поени, или е тоа желба за моќ, страв од смртта којшто се огледа во потребата зад себе да остави нешто материјално, бунар или водовод, наместо споменик? Дали мотивите на селаните да ја осуетат Симоновата помош, да ја одбијат подадената рака и на крајот да го понижат, се провоцирани од инстинктивната самоодбрана од натрапникот, од препознавањето на помошта како подлост насочена само кон лична полза, од одбивањето на услугата за со услуга да не мора да се плати или да се остане должен? Дали се само природно сомничави или и суштински зли, дали за психологијата на масата е карактеристично дека ќе уништи секој новум, или проникливоста на масата е, всушност, инстинктивна и посилна од со разум поткрепената логика на образованите? Дали злобата е знак за недоверба кон индивидуата или е последица (на исто така несигурното) познавање на селското предание според кое Симоновиот предок е запаметен како негативен лик? Исконските пориви, инаетот, сомничавоста, подлоста, интригите, се дел од средината која регресира на уште пониско ниво на психологијата на малата, селска заедница која како да ја мотивираат само поривите на борба за самоодржување. Психологијата на масата овде е на дело и е спротивставена на единката, на интелектуалецот. Етичкиот кодекс и на едниот и на другиот тип луѓе е од сомнителен карактер, бидејќи и мотивите за делување се проблематични. Селото реагира спонтано, го поттикнуваат инстинктите, иако неговите на прв поглед нелогични и со ништо неоправдани реакции, нивната сомничавост и недоверба, потенцијално ја откриваат правата вистина за поривите кои ги поттикнуваат цивилизираните луѓе како Симон: добрите намери, благородноста, залагањето за општото добро и за повисоки вредности, подлежат на сомневање дека зад нив се крие суета, претенциозност, ароганција, користољубие, значи, исто така најниските, исконски пориви скриени под наслагите на научени форми на однесување и образование.

Романот Бунар од Димитар Башевски на планот на формата е беспрекорно конструиран, речиси геометриски, како низа од хомологии, од совпадливи ликови и случувања кои се огледуваат едно во друго, и како збир од дихотомии во кој се спртивставени историјата – митското, циклично време; колективното, несвесно – индивидуалното, цивилизациско; машко (Симон) – женско (Агна); вековен семеен судир (Симон и Владе); субјективното (животопис) и објективното (историски документи); бунар – водовод; современост – минато. Геометриската композиција потоа успешно се гледа и на психолошки и на идеен план, успевајќи формата да ја стави во служба на една, во самата суштина песимитичка замисла за цикличноста на човековиот пораз како последица на човековата природа во која е невозможно докрај да се проникне, токму како што е невозможно да се спознае минатото, политиката, меѓучовечките односи, бракот, семејството. На мал простор од овој роман, благодарение на вешто водените наративни стратегии кои ги користат искуствата на традиционалниот и постмодерниот роман, се покренуваат некои од клучните теми одбрани од корпусот на интересирање на балканскиот човек кому типолошките карактеристики на ликовите и на ситуационите модели по мерката на препознавање му се најблиски, но би било погрешно да се разбере Бунар само како водич за балкански менталитет и да се чита како што се читаат Андиќевите дела за да се разберат причините за балканските судири.

Бунар е обликуван како кинеска кутија која сдржи сè уште неоткриени прегради и веројатно уште по некое дупло дно, скриено до следниот обид за толкување на овој повеќезначен роман во кој можните комбинации на прашања и одговори со оглед на доминантните мотиви на сомнеж, на гласови на кои не е можно со сигурност да се потпреш, на паралелните наративни текови, се наизглед неисцрпни во мера во која овој роман може да го понесе епитетот на отворено дело без дефинитивни вистини и конечен, смирувачки крај.