Ефтим Клетников

Поезијата на Башевски

(Ефтим Клетников: Поет на синтетизирани искуство, од поговорот кон книгата "Совладано време", Македонска книга, Скопје, 1995)

… Сосема се согласуваме со поетот и критичарот Алан Браунџон, кој во мошне прониклив предговор кон англиското издание на поезијата на Башевски вели дека „како повозрасен писател, сосема природно, тој повеќе се движи во митовите на зрелоста, отколку во смелите фантазии на младоста”. Ние можеме само да додадеме по повод оваа прецизна констатација на Браунџон дека самиот Башевски и конкретно како поет ја користи мошне често матрицата на митот, пред с# на старогрчкиот и во помала мерка на христијанскиот, за да искаже поетски некои општи вистини во своите стихови. Дури и во редица песни во кои не поаѓа директно од неговиот дискурс, неговиот говор е честопати митски актуелизиран, неговата рефлексија редовно содржи доволно метафизичка супстанца за да ја повлече таквата суштинска алузивност.

… Лирскиот субјект (човекот) во поезијата на Башевски е втемелен во една типично егзистенцијалистичка ситуација во која на преден план испловува неговата психолошка и метафизичка осаменост. Тој е, речено со јазикот на психоанализата, исфрлен во негостољубива празнина уште со самото свое раѓање. Но кај него не е априори присутен, генетички кодиран, само тој страв од таинствената, лакома празнина, зината во потсвеста, туку и стравот од празнината што произлегува од негативното искуство со историјата. Згора на тоа, во поезијата на Башевски, иако не така видливо со голо око, е суптилно развиено и модерното чувство на празнина, односно метафизичка осаменост во отсуство на Бога. Тоа чувство пак, само по себе, води кон една беспоштедна анализа и соочување со сеопфатната ситуација, пред с# со искуството на болката врз која се темели та.

... Башевски, како што е веќе подвлечено, е поет на синтетизирано искуство. Потезите со кои ја обликува песната му се симетрични и елегантни. Јазикот во нив е проѕирен, емоцијата спокојна, а мислата суштинска, измазнета како белутрак и редовно обликувана во мајсторска поента. Поезијата на овој поет, иако бегло, од критиката е најчесто доведувана во аналогна врска со поетиката на Блаже Конески и на грчкиот поет Константин Кавафис, со кои таа би можела да се споредува како на стилски, така и на поетско-филозофски план.