Томислав Османли

Отворени писма во затворено време

(Кон книгата „Писма од карантин“, рефлексивни епистоли на Димитар Башевски)

Димитар Башевски, еден од нашите најистакнати писатели, не само кај нас туку и пошироко афирмиран романсиер, раскажувач, поет, на книжевната публика, сега одново, ѝ предлага една особена книга. Се работи за писма-есеи, објавувани во текот на месеците на пандемијата кога, затрупани од дневните непријатни вести за вирусот и вести од дневно-политичка природа, авторот сакал да го сврти вниманието на публиката кон други, сосем поразлични теми, и читателите, макар за кратко, ги оддалечи од преокупираноста со епидемијата, кон нешта потрајни, повозвишени и поблагородни од болеста што, во нови, позастрашувачки и потрагични плими, не престанува сѐ поопасно, веќе судбоносно да го преплавува светот. Овој ракопис, поттикнат од една стихија, неа самата – директно неспомната – на елиптички начин неа ја содржи длабоко во себе. Во тој контекст, накратко речено, се настанати овие писма на Димитар Башевски, исполнети до дух и со размисли за суштествените нешта, родени среде Ковид-изолацијата која сѐ пожестоко нѐ изолира еден од друг и на тој начин нѐ одвојува од нашата социјална бит, но и сѐ подраматично, егзистенцијално нѐ погодува сите и нѐ тера да создаваме паралелни форми на кореспонденции, главно телефонски и други електронски симулакруми од комуникации; но рефлексивните и креативни автори како него – ги мотивира на создавање нови книжевни творби – и форми. Башевски во својот книжевен карантин создава писмени обраќања и со тоа уште повеќе ја нагласува – при тоа во нив и мисловно ја проблематизира – драмата на дискомуникацијата присушта на ова бизарно, отуѓено, изолирано, застрашено, протекционистичко, егоизирано… совремие осудено на роеви од човечки самувања, и на генерална човечка самотност.