Петар Т. Бошковски:

Осврт кон поезијата на Башевски

(Петар Т. Бошковски: Премрежето на критиката, Матица Македонска, Скопје, 2003)

... Стиховите на Димитар Башевски се убедлив уметнички факт за важењето на геслото за поезијата како говор "за крупни нешта со моќен глас" постулирано од Блаже Конески. Автор со широк духовен хоризонт во кој се среќаваат, се одгледуваат и плодно се вкрстуваат личното и колективното, историското и митското паметење, Димитар Башевски ни понудува едно искуство доведено до степен на чиста поетска кристализација. Неговиот култивиран поетски однос рафиниран сензибилитет се подеднакво изострени и промислени и во пробивот во светот на идеите во кој се движи, и во поглед на одредувањето на аглите од кои нив ги актуелизира, и во поглед на изборот на ситуацијата и деталите од стварноста при нивната конкретизација во нашава современост. Како заколнат приврзаник на едноставноста, тој создава форма исцезилирана до последниот знак и не допуштајќи ни еден самоцелен украс. Чиста и осветлена како ведар летен ден, таа форма ни го експонира својот свет со сето расположение за здушна комуникација со сите негови слоеви. Мисловно јасна, емотивно длабока, етички темелна, изразно прецизна, инспиративно автентична и изворно свежа, поезијата на Димитар Башевски со право може да го носи квалификативот на прегнантно дело и целовит резултат. (Петар Т. Бошковски: Премрежето на критиката, Матица Македонска, Скопје, 2003)