Ермис Лафазановски

ОД ДРУГАТА СТРАНА НА „ПРОЗОРЦИТЕ“ НА БАШЕВСКИ

(Димитар Башевски: Прозорци, нова верзија, Слово, Скопје, 2013)

Внимателниот проследувач на македонската современа проза, лесно може да дојде до заклучок дека македонските прозни писатели, особено тие чиј потесен интерес е романот како литературен жанр, во текот на својот живот, повеќе отколку писателите со поинаква жанровска ориентација, создаваат еден посебен дискурзивен, раскажувачки, романескен свет; свет кој е дефиниран главно од неколку поими, симболи, типови, архетипови и слики, кои заедно ја сочинуваат скриената, потсвесна архитектура на прозната куќа на авторот. Таквата “скриена архитектура“, можеме да ја откриеме не само преку содржината на романите туку и преку нивните наслови, кои постојат такви какви што се, за да ја сублимираат целокупната порака којашто треба да се дешифрира во текот на читањето на делото.

Насловите на последните неколку романи на еден од врвните македонски романсиери Димитар Башевски: Бунар, Братот, Прозорци, како и книгата раскази Мајсторот, претставуваат токму такви зборови јадра, зборови симболи со помош на кои и во кои, Башевски ја кондензира својата писателска имагинација и порака, и стрпливо ја гради својата дискурзивна куќа, својата куќа – свет, оставајќи ја вратата отворена за секој патник добронамерник. Во нив можеме многу лесно да го откриеме светот на Башевски кои е омеѓен од следниве неколку феномени: природната околина (водата – бунарот), човекот (братот), и куќата (прозорците). Од овој аспект гледано посебно податливо место за разговор претставува најновиот роман на Башевски „Прозорци“. Уште на самиот почеток треба да се појаснат неколку работи: иако во поднасловот на книгата стои „нова верзија“ овој факт воопшто не е обврзувачки. Имено, првата верзија и втората верзија на книгите со ист наслов, воопшто не го обврзуваат читателот да ги прочита двете: тие не се наоѓаат во некаков поврзан континуитет туку можат и треба да се читаат како две посебни книги: секоја со своја „тежина“. Романот „Прозорци“ како што истакнаа македонските литературни критичари го оцениле ова дело како психолошки длабок, возбудлив, стилски перфектно обликуван и јазички чист роман кој е лоциран во актуелното време и простор. Читателот уште во самиот наслов на книгата го претчувствува или го осознава тоа: прозорци (или прозорец) е збор кој е со неверојатен асоцијативен набој и тој имплицира безброј значења почнувајќи од архетипските, дека прозорците се архитектонски обликувани отвори на куќите и зградите, низ кои влегува дневната светлина а излегува внатрешниот мрак, преку познатите современи слики кои ни го нуди компјутерскиот оперативниот систем Виндоус кои е целиот создаден од „прозорци“, па сè до метафоричното читање на насловот. И навистина повеќе од сè, прозорците се метафора, која не го симболизира само телото туку пред сè и душата. <

Главниот лик на романот, Данаилов, е опседнат од неговиот прозорец низ кој љубопитно ја гледа околината околу неговата зграда во која живее. Данаилов постојано низ сопствениот прозорец ги набљудува секојдневни парчиња од реалниот живото: минувачите низ улицата, соседите, автомобилите, далечините на градот, луѓето кои шетаат кучиња и мачки. И не само тоа, тој го набљудува и сопствениот сосед Чакрев, пензиониран полициски службеник. Сиве овие набљудувани слики, нему му се инспирација за фиктивниот свет , кој го создава и пренесува на хартија, бидејќи како што откриваме во романот главниот лик е писател кои во мигот на случувањето на дејството го пишува своето писателско дело односно роман. За него набљудуваното претставува инспирација со помош на која го пополнува својот романескен свет. Но тој, авторот, не е класичен ѕиркач, каков што откриваме кон крајот на делото дека е неговиот сосед Чакрев, туку тој е повеќе набљудувач и аналитичар на секојдневието, кој ја создава својата целосна слика во романот преку малите парченца – квадратчиња излачени од секојдневието. Поточно, тој го создава својот романескен мозаик од малите квадратчиња на секојдневието кои ги гледа низ својот прозорец. Прозорецот на Башевски, следствено нуди две силни асоцијации компатибилни со значењето на неговиот прозорец – симбол. Прво, негова писателска постапка неверојатно многу потсетува на минуциозноста и методичноста со која ренесансните сликари се обидуваа колку што е можно подобро да ја пренесат на платно реалноста која ја набљудуваат. На пример, ренесансниот сликар, архитект и поет Алберти во својот трактат за тоа како треба да се нацрта и реално да се пренесе природата која ја набљудуваме низ нашиот прозорец, предлага прозорецот со помош на хоризонтално и вертикално затегнати јажиња да се подели на мали квадратчиња. Прозорецот потоа изгледа како решетка. На такви исти квадратчиња треба да се подели и сликарското платно и на сликарот сè што му преостанува е колку што е можно по автентично, на платното да го наслика секој сегмент кој го гледа низ секое квадратче посебно. Конечно, на крај верно пренесената слика од секој поединечен дел ќе ја даде општата, реална слика на набљудуваната природата. Овој метод на сликање на ренесансната реалност станал секојдневна практика не само во сликање на природата туку како помошен метод за изучување на перспективата која подоцна ја развил Дирер. Второ, прозорецот на Башевски потсетува на „Прозорецот кон дворот“ филм на Афред Хичкок во кои главниот лик има скршена нога и е присилен да седи во неговата соба со прозорец кон внатрешниот двор на зградата. И како што се случува во филмовите на Хичкок, главниот актер, станува сведок на убиство кое се случува во една од просториите или становите карши неговиот. Наеднаш, главниот лик се здобива со моќ, во која поединецот станува небаре Господ и се меша во животите на другите луѓе и тоа преку прозорецот кој за него претставува единствен контакт со реалниот свет. Тој успева така седејќи, не помрднувајќи се од местото да го реши убиството, само затоа што тоа му го овозможува неговата моќна позиција. Моќта на прозорецот на Хичкок е своевиден паноптикум, место на концентрација на моќта од каде може да се контролира сè.

Прозорците на Башевски се прозорците на Алберти и на Хичкок. Но уште повеќе прозорците на Башевски нудат уште една димензија која е најсилна и која се чини дека кај споменатите уметници недостасува. Имено, додека кај Алберти и Хичкок прозорците се феномени кои еднонасочно го водат набљудувачот кон надвор, кон надворешниот свет, прозорецот на Башевски има една своја обратна перспектива: тоа во исто време гледа и навнатре кон сопствениот интимен психолошки свет на тој што набљудува. Значи прозорците на Башевски имаат двојна функција: надворешна преку која главниот лик гледа семејство, град, објекти, скулптури, кучиња, соседи автомобили и така натаму, и внатрешна, со помош на која тој низ прозорецот тој се гледа и себеси, неговиот однос со Агна, сопствената немоќ да напише совршено дело, љубомората кон сопругата и така натаму. Интересен е самиот став на авторот односно на јунакот кон неговиот прозорец: тој вели на неколку места: „Прозорецот му беше станал живот, еден вид патерица на која ќе се потпре“

Од ова перспектива гледано прозорецот на Башевски добива свои феноменолошки аспект. Тој не е веќе обичен прозорец туку место на кое се доживуваат соништата, место на кое се гради поетика на просторот, место кое се мечтае и на кое се градат мечтите. Но овој негов прозорец има уште еден квалитет: покрај тоа што е своевиден паноптикум преку кој главниот јунак си ја полни и така полната суета, во исто време тој е и место преку кое и самиот тој е набљудуван од неговиот комшија Чкаре инспектор кој живее карши него. Кога го дознава ова само препишаната омнипотентна моќ на јунакот се распаѓа. Значи прозорецот не е само место преку кое можеш да ги видиш другите туку и место преку кое и другите во дадени околности можат да те видат тебе. За Башевски, прозорците се еден вид праг, еден вид на комуникација помеѓу надвор и внатре односно меѓу тоа таму и јас.

Една друга димензија на романот во која читателите сигурно уживаа, е дескриптивниот и аналитички приод кон секојдневието на градот. Една од главните задачи на писателите, впрочем, доколку темата на книгата е современоста, е да ја забележи актуелната современост на живеењето со сите нејзини убави и грди страни, позитивни и негативни карактеристики. За таа цел раскажувачкиот субјект во романот Прозорци превзема една авантуристичка дискурзивна прошетка низ секојдневието на метрополата забележувајќи ги деталите кои за обичниот човек можеби не се на прв поглед видливи. Главниот лик на романот покрај тоа што е набљудувач од прозорецот, тој е и современ шетач или талкач низ секојдневието на градот – метрополата. Такви шетачи постојат во сите метрополи на светот и тие според Валтер Бенџамин и Георг Зимел, го дефинираат современиот жител на метрополата. Бенџамин таквиот шетач го нарекол фланер а Георг Зимел, блазе. Разликата меѓу овие двајца шетачи е што првиот е активен набљудувач и посебен субјект, додека вториот е претставник на пасивниот дел од секојдневната толпа. Шетачот на Башевски во ова смисла е активен , критички настроен шетач, кому не му е доволно само пасивното набљудување на реалноста на метрополата туку и активното вклучување во полемиките кои се водат во врска со него, па макар било тоа изразено преку метафори, или понекогаш дури и преку иронични досетки. Тој е фланер. Сево ова е спакувано во еден дискурс кој се наоѓа некаде на границата помеѓу новинарскиот запис и книжевната реторика, факт кој на читателите им нуди навистина еден инвентивен и мудар опис на секојдневието на градот. Додека со помош на новинарскиот запис Башевски забележува, со помош на книжевната реторика тој раслојува, анализира и критикува.

Се чини дека главниот јунак на романот ( да се вратиме на него) е сосема свесен за ова негова двојна природа: омнипотентен моќен набљудувач и критички настроен шетач низ секојдневието. Тој во даден миг, свесен за неговите квалитети, се заборава, ја заборава вистинската реалност во која живее, реалноста на неговите најблиски, реалност во која тој е нејзин составен дел. И нормално, кон крајот на романот доаѓа до некакво прочистување, до самоосвестување на главниот јунак, процес во кој тој сфаќа дека преку прозорецот тој ја набљудувал само лажната слика на светот. Овој пресврт во романот се случува во мигот кога умира неговиот сосед Благоја Чкаре кого тој пасионирано го набљудува од неговата паноптикум тврдина, и кога семејството на Благоја му ја оставаат нему, на Даналилов, целата негова полициска документација во која тој шокиран наоѓа цело едно досие во врска со него. Набљудувачот наеднаш станува свесен дека и тој бил набљудуван. Досие е толку минуциозно водено и толку длабоко психолошки профилирано, „како од учебник“, што Данаилов се открива себеси во тоа досие онаков каков што навистина е. Дури и повеќе, дознава нешта кој тој не ги знае, како што е на пример каде се наоѓа жена му која го напуштила и ќерката. Во еден миг, неговата паноптикум – тврдина се руши како кула од карти, и сфаќа дека социјална моќ во која толку самоуверено веруваше и реалноста која постојано му бега, се само илузии и меури од сапуница кои во секој нареден миг од живото ќе се распрснуваат околу него. Ова се чини дека е катарзичниот момент на романот, местото кое навистина провоцира едно подлабоко размислување за светот што не опкружува.

Башевски маестрално ја остварил неговата замисла која можеби ја обликувал во текот на пишувањето, а можеби однапред си ја беше задал како тема. И во двата случаи - елементите, методите, ликовите, стилот и реториката на дискурсот - се најсилното оружје со помош на кое тој ја остварува својата замисла. Токму овие карактеристики го вбројуваат Димитар Башевски во еден од врвните прозаисти на македонската современа проза, а романот „Прозорци“ во уметнички книжевен дострел, со кој македонскиот современ роман добива свој достоен, оригинален и маестрален претставник.