Ефтим Клетников

ОДБРАНА НА ИНТИМНАТА СРЕЌА

(Од поговорот кон Димитар Башевски: Сарајановскиот каранфил, Детска радост, Скопје, 1998)

„Сарајановскиот каранфил“ НА Димитар Башевски е опора романенска медитација за човековата интимна среќа или поточно за трагичната потрага по неа во крајно суровиот и отуѓен свет. Пишувана мошне суптилно, со завидна стилска перфекција, во еден бавен класичен ритам врз основата на дневничкиот запис (дневникот на Лена), епистоларниот фрагмент и скрупулозниот авторски коментар, таа е динамична во својата психолошка напнатост и длабоко модерна и актуелна, токму поради нејзината есенцијализирана содржина, сосредоточена на трагиката на „малиот човек“, неговата судбина и на суштината на етичката компонента на егзистенцијата.