Слободан Мицковиќ

Поезијата на Башевски

(Слободан Мицковиќ: Книжевни текови, Култура, Скопје, 1998)

...Поимањето на поезијата што Башевски го покажува во својата книга не е кај нас самотно; неговото стојалиште е блиско до некои значајни поетски дела во нашата поезија - до некои песни на Блаже Конески, до "Сина песна" на Анте Поповски, "Небесен камен" на П. Т. Бошковски, како и спомнатите поети, песната ја сфаќа како израз што стреми кон обликување на оној поетски амалгам во кој се искажува емотивното дејство на мислата; длабочината и релевантноста на поетската идеја се гради врз проникнување на двата основни вида човекова егзистенција, врз чувството и разумот во спој и преплет. На оваа основа и Башевски, како и споменатите поети, можеме да го согледаме во хоризонтот на едно течење во европската поезија на кое му припаѓаат и Превер, и Монтале, и Окуџава... Башевски, освен тоа, е завртен и кон длабокото поетско искуство на новата грчка поезија, од Кавафис и особено кон неговото искуство, па до Гуделис. Поетичката основа на тоа пеење се гради врз уверувањето дека поезијата може да ја достигне својата релевантност само ако пропулзира низ зборовите темелни прашања за човековото постоење. Врз таа основа, секој од тие поети го бара својот персоналитет, односно го гради својот поетски свет... Во најголем дел, песните на Башевски ја градат идејата за поразот до свест за неминовност, за судба што на човекот му е предодредена зашто тој ја носи во самиот себе, во својата основа. Тука поезијата на Башевски покажува фундаментална блискост со една од магистралните насоки во поезијата на Б. Конески. Поразот и подвигот се израмнуваат во крајниот биланс, но човекот не може да се помири со тоа рамновесие - нему му треба подвиг, тој сака да излезе од својата затвореност, но - излегувајќи тој повторно влегува во лавиринтот....