Пациенти

Лежиме на грб, јас во едниот, тој во другиот кревет. Не сме тешки пациенти. Лежиме мирно и повремено јас ги вртам очите кон него. Тој зборува, нешто раскажува, вметнувајќи по некој турски збор. Се вика Абул Хасан. Само двајца сме во болничката соба. И двајцата сме оперирани од кила. Пред операцијата, докторот ме праша дали сум кревал тешко, ако сум кревал, да ми зашиел нешто како пенче за чевли, за пак да не се отпушти надолу. Кревам, си реков во себе. Се сетив на кофата со ќумур што ја носам од визбата до катот.

Беше остра зима. На гранките од дрвјата надвор кристали мраз.

“Сега е јасно дека нема да умреме”, велам јас.

“Хм, нема, јок!” мрмори сомнежливо Хасан.

Кристалите на дрвјата се како украси пред божиќните празници. Надвор небото е чисто и над прозорецот ја гледаме големата модра месечина. Ни се чини дека само ние сме во болницата, а дека надвор, макар на студот, цела Битола е излезена по дуќаните и по магазите. “Можете да јадете с#”, ни вели хирургот следното утро за време на визитата. Јас ги стегам вилиците, ми доаѓа смеа. На наткасната стои чашата од тенкиот компот од ошав, и кај мене, и кај него, кај мојот цимер. Изедовме с#! Ги следиме советите. Се сеќавам на еден погреб, до мене некој човек, доктор, горд, ми вели: “Јас му бев личен лекар на покојникот”. Му го кажувам ова на Абул Хасана. Алшкосун, вели тој, браво! Не може да се смее, го затега раната. А и не изгледа како човек што се смее. Немтурест е.

“Дали е вратата затворена?”, ми вели потоа и ги врти очите наоколу.

Јас се чудам.

“Како може да е затворена”, му велам. “А сестрата?”

Тој молчи.

“Да не сакаш да се молиш?”, го прашувам, божем во шега, бидејќи некаде однадвор, на далечина преку прозорците, од некое минаре, се слуша гласот на муезинот.

“Подобро е да се молам, отколку да не се молам”, вели тој.

Јас се поткревам на лактите.

“Зошто пак да е подобро?”, велам.

“Така е штетата помала”, вели Хасан и ги потсобира нозете во креветот. Од под чаршавот му виси едното голо стапало.

Види, филозоф, си велам во себе, а нему му велам:

.“Значи, ти си”, велам, “некој сметкаџија”,

А сепак, кога се слушна оној вик на муезинот при доцната молитва, го видов Хасана како малку наслушнува кон прозорецот, но ми се стори дека повеќе му е важно прозорецот да биде затворен, отколку почисто да слуша. Муезинот ја извикуваше надолго, на¬долго молитвата, исполнета со молби и надежи.

“Човек без надежи е како шти¬ца зବквана со брут”, му велам на Хасана. “Само човекот се надева”, му велам. “Ни дрвјата ни камењата не се надеваат”.

Хасан гледа нагоре во таванот поцрнет овде-онде, темни парчиња од печката што враќа. Мириса на ќумур. Темникав во лицето, сега ден-два неизбричен, образите на Хасана му се вдлабнати и, онака, со мало бледило на темното, самиот личи на уморен еќим. Се зачудив што ми рече така, дека штетата е помала да се верува отколку да не се верува. Абе ти да не го знаеш Блез Паскал, сакав да му речам. И му реков.

“Абе ти како оној Блез Паскал?”, му велам.

Тој малку се намуси.

“Не го познавам”, ми вели.

Јас малку се колебав.

“Е, па, не ти е комшија”, му велам и осетив дека се навреди, зашто Абу Хасан не беше човек што не читал книги. Ја имаше завршено онаа гимназија во која учеше и Ататурк. “Тој, Паскал, пишувал”, продолжив јас, “дека иако не се знае точно дали Бог постои, сепак е паметно да се верува во него. Ако не се верува, а тој постои, човек би можел да биде проколнат целиот живот да го мине во пеколот, додека ако верува во Бога, а тој не постои, човек губи само малку од слободното време и малку труд да оди во црква или во џамија”.

“Море досетлив човек”, вели Хасан, “а не е некој суфи”.

“Не е, каков суфи”, велам јас. “Французин бил”.

Абу Хасан почна таму на перницата нешто да мрмори на турски, а потоа збор по збор ми преведе. “О, Господе, ако те обожавам од страв од пеколот, тогаш дозволи во пеколот да изгорам, ако те обожавам поради надежта дека ќе одам во рајот, тогаш не го дозволувај тоа. Но ако те обожавам поради тебе самиот, не лишувај ме од твојата вечна красота”.

“Аха”, викнав јас, “значи ти си суфи”.

“А не”, вели тој, “јас сум с# и ништо”. Почека малку време, а потоа додаде: “Дерт, ете што сум јас. Сум пешачел од Битола до Каракорум и назад и од Едрене, кај славната џамија на Селим-хан, па до Маниса, седиштето на принцот Мустафа. Овде, во Битола, цела банка полна пари амп; ги подарив нејзе...”

Го гледав зачуден.

“Тогаш с# уште бев со едно око”, вели.

Се поткренав на лактите, полека за да не го турнам ќебето од мене, за да го видам од поблиску. Забележав, многу важно, дека тие денови никој не му дојде во посета. Јас не го прашав, но ни тој не проговори за тоа. Никој. Си лежи свртен пред себе, со едната рака потсвиткана и со другата ставена на градите. Има потреба да зборува, макар со мака. И продолжи:

“Ух, море Хасане, ми вели тогаш Јакута, какви се тие зборови што ги зборуваш. Ако си е човекот човек на место, та со едно, та со две очи, е исто. Важни се душата човечка и характерот човечки”.

Јас молчев. И тој потоа молчеше.

Се стемни. Беше доцна. Јас ја изгаснав ламбата. Откога се помести малку на креветот и воздивна, знаев дека тој сака во темното да зборува. Но вратата полека се отвори и некоја жена потајно се пикна во собата. Не побара да го запали светлото. Потоа, трудејќи се да не тропнува, влезе во нашиот нужжник. Ние бевме сами двајца во собата, привилегија, и си имавме свој нужник и свое лавабо. Јас го познавав управителот на болницата и воопшто, бев познат и кај сестрите, ги читале моите сатирични раскази што излегуваа во еден алманах. А и Хасан имал познанство со управителот, односно со брат му, кому во некоја прилика му донесол една кола пантофли за трговија од Истанбул. Жената се затвори во нужникот, изврши нужда и како што влезе движејќи се на прсти тајно, така, очигледно сега задоволна, излезе. Абу Хасан се вознемири. Ме искара мене, како да бев јас виновен. Се подаде сестрата, виде дека е темно, и пак затвори.

“Дозволуваш сонот да ни се земе”, ми вели Хасан, откога таа си замина. Му реков дека е во право и тогаш тој се смири и се врати на своето раскажување:

“За мене”, вели,” имаше излезено глас дека сум растурикуќа. Прекарот едно време се залепи за мене. Живеев во еден чикмак во Битола, блиску до Дрвен Пазар, со мајка ми, секогаш облечена во темно. Татко ми беше трговец со текстил и имаше во градот магаза. Тргуваше со Солун и со Стамбол. Јас не растев во сиромаштија. Ама татко ми имаше една маана, мерак да ми го тури својот ум во мојата глава. Така беше дури големиот Грнчар не го прибра да прави грнци. Тогај, јас се сетив на оние стихови од шестотини и втората ноќ на Шехерезада и ги кажував и пред луѓе – “Подобро сиромав да бидам и да куцам, одошто на скржавоста да амп; бидам слуга!..”

Како дете играв со барут и го изгубив окото. Бегот од Кременица, еднаш кога бев на изворот Кисела Вода, ме тепаше до смрт со своите луѓе, зашто не можел да истрпи некој да го гледа со едно око. Подоцна, како маж, ново око ми направи еден очни доктор во Истанбул. На него сега гледам поарно, отколку на здравото. Убав бев. Како секој Хасан, и јас имав мустаќи, а косата ја мачкав со масла...

“Слушаш?”, ме прашува по некое време.

“Слушам, слушам”, му велам јас и тој продолжува.

“Куќата со дворот што ја наследивме од татка, беше, реков, во еден чикмак. Кога ќе влезеше човек во чикмакот, мислеше дека натаму нема ништо или дури и ако има, ќе има нешто штогодно и зафрлено. Ама не беше така. На крајот од сокачето имавме двокрилна дрвена порта. Подоцна ја направивме од украсно железо и со покрив, беше сина како пајка со крилја. Лево и десно почнуваше авлија и одеше околу-наоколу. Куќата беше четвртаста на кат, со внатрешни скали и со големи пенџери, околу ним украси, како што се правеше тогај. Во дворот имаше една тулумба. Мајка ми стално ги вадеше тоа цвеќиштата - ружи, герберчиња, урчиња, обетчиња и сарделчиња. Јас оди откорни ги, таа пак посади. Многу беше досадна… Јас зедов по свое. Магазата што ја остави татко во чаршијата почна да малаксува. Помошинците почнале да крадат. Мајка ми стана досадна: Оди, синко, вели, земи си ја работата под свое. А јас ќе амп; свикав: Доста мори ти, караконџоло ниедна! Не одев на клањање во Скршена џамија, туку со пријателите тамбурев, мирисав женски мириси, и го колнев светот што ги гази праведните. А мајка ми: Гуша ќе пуштам, мој Хасане, синко, гуша ќе ми порасти, што толку погрешни работи лакомиш и на животот пред време капак му ставаш…

…Еден ден, сполај му Нему, тој ги реди работите кога сака и како сака, кај подалечна пријателка на мајка ми, сретнав една жена, цут млада, девојка. Кога јас влегував во куќата, таа веќе заминуваше, држејќи преку устата едно шамиче, божем како зар. Може не ќе амп; ги видев очите, ако таа не ме погледнеше некако со задршка. Ми остана тој поглед како нож в срце. Се распрашав за неа. Пријателката на мајка ми ми рече дека оваа била многу лична, а тертиплија. Сакала да амп; се оди по ќефот. Дури подоцна мене ми дојде во умот дека таа тој ден можеби не се појавила случајно, туку сосема намерно и со план, тогај не сум можел да знам, се појавила можеби тој ден дознавајќи дека токму тогаш јас ќе ја посетам пријателката на мајка ми. Уште првиот петок, решив да ја видам повторно девојката. Како што направил Аладин за да ја види Бадр ал Будур, ќерката на султанот, така и јас решив да одам до амамот во Јени Маале и скриен зад вратата, да ја видам и, ако може, збор да амп; кажам. На самото влегување во бањата таа си го крена јашмакот и амп; се виде лицето послано од сончева светлина. Јас ослепев. И, тогаш се сетив на стиховите што ги рекле поетите за Бадр ал Будур, та и јас тогаш ги кажав: „Толку блескаво светкааат нејзините очи, посилно од сонце во ден летен/Толку црни се нејзините коси...

Кога сака господ, или пак ѓаволот кога ќе стави прсти, манџата од секакви мирудии ќе замириса. Откога еден ден кусо се видовме, почнавме по договор да се виѓаваме, првин тајно, таа во затворен пајтон, во придружба на мојот момок, еднаш дојде кај мене и поседе во башка одаја, скраја, кај што седеше мајка ми, а моето друштво во дворот азганисуваше. И продолжи така да доаѓа. Секогаш гледаше да дојде кога нема врвулица и кога бев јас дома, ама кога беше и мајка ми дома.

Ден за ден во летните месеци, ноќ по ноќ, божем се залиса девојчето во мене. Мажена ли, немажена? Сепак, какви ти мажена, цут млада, а крупна, мислиш стасана за веридба. Таа, како да ти речам, имаше темничко лице, ама мазно како срча, очите црни и големи, еден поглед… Околу очите не си клаваше ништо, никаква боја, а забите амп; светеа како срча. Во ставата стегната, издадена назад и издадена напред кај градите, срце да ти се стресе и душа да ти се замае и, што беше многу важно – не беше лажливка. Секогаш ја кажуваше вистината. Камен срцето да ми стане, ако не верував дека е така, иако сум чул дека шејтанот знае и со вистината да си игра. Една квечерина, кога заврши гозбата и луѓето тргнуваа кој каде да си замине, а јас останав сам, дојде таа, Јакута. Седна до мене и ми вели:

Утре напладне, кога ќе станеш од спиење, ќе дојдам со водичка од ружа. Чекај ме, ми вели, и не заборавај.

И, јас чекав, се облеков, се потстегнав со ременот, ги врзав врвците од чевлите, поминав со прстите низ косава, и чекав. Помина половина час, помина час, отидов еднаш, па уште еднаш до прозорецот да видам да не доаѓа низ портата, но неа ја немаше. Помина време, зајде сонцето, а таа не дојде. Јас вртев со главата и се чудев. Ѕверу еден, си велам, и отидов да си гледам други работи. На следната гозба, со маси турли-турли наредени во дворот, синќир да си кај самиот султан Мехмед Решад, кој ја посети Битола и кого, кога слезе од возот на станицата со целата свита везири и беглербези, го фотоса Милтон Манаки, фотографиерот. Една голема копија од таа фотографија, во рамка, виси во салонот на нашата куќа, оставена од татко ми Касил, да му се миросаат коските. Сите битолчани и посебно битолските Турци беа многу ќефлии оти се направи таа посета на неговото величество и устите им беа секогаш полни со фалејнци што до таков степен дошла Битола.

И, ете, значи, на една таква вечер, гозба голема и богата во мојот двор, пак се појави Јакута, онака како еден бубрег да ја гледаш, и туку пак ми се ближи и ми вели: Прости, Хасане, ама јас не можев тогаш да дојдам. Да ме извиниш и да ме преизвиниш, зашто јас и самата многу престрадав и препатив што не можев, а знам дека си ме чекал, тоа го рече и ме пофати по раката и ме задржа кратко.

Те чекав дури зајде сонцето, реков јас.

Јас стоев како малку подналутен, ама се осети дека се преправам. Кратко ја погледнував, зашто не можев долго да издржам. Што не ми пушти едно писменце по пајтонџијата, амп; велам. А таа брзо, брзо: Со кои пари, Хасане. Празен и препразен ми е џебот, а ме задржа и оној Илјам, комшија мој, вдовецот. Умирам по тебе, ми вели. Сум му се бендисувала многу.

Тој никаквец, избувнав јас.

Ми падна на колена. Само еднаш, ми вели, рече Јакута. Жаловно многу. А ти? Ја прашувам јас. Ништо јас, Хасане, ми вели Јакута мене. Му дадов, вели, колку да ме заграби за гради и да ме баци на грло.

Мене ми се пресекоа нозете.

И, велиш пајтон, пак зазборува таа, со кои пари, Хасане? Празен ми е џебот… И тогаш јас, макар онака налутен, првпат кладов рака во џебот, извадив една лира меџидија (значи почнав да вадам од резервните лири во Отоманската банка), амп; ја пикнав в рака да има таа за кога ќе треба да ми пушта писменца или со пајтон да ми дојде на визита. По некој ден, ете ти ја ненајавена, навечер, ме најде сам, гледав во месечината што висеше полна спроти Пелистер. Верувај, здивот ми се зеде и срцето онака - шлуп, шлуп, чини.

Кај си,мори Јакуто, амп; велам.

Таа ја доближи својата рака гола до над лактот до мене и ме зеде со муабет натаму во дворот, каде што не фаќаше светлината од месечината. Јас подадов раце да ја земам, а таа само што влезе кон мене на градите и само што ја залепив устата на нејзината, брзо се тргна. Не бегај ми, Јакуто, не стресувај ми ја душава, амп; велам.

Да не не ме сакаш мори, Јакуто, дека сум со едно око?

Таа ми се вџари, како да е погодена од голема навреда. Ух, море Хасане, ми вели, какви се тие зборови што ги зборуваш. Ако си е човекот човек на место, та со едно, та со две очи, е исто. Важна е душата човечка и характерот човечки. Туку ти не брзај, кај брзаме, мил Хасане, не сме само за денес… И, гледај што зборови ми кажа тогаш кучката: Денови и ноќи се пред нас, ми вели, љубовта е како море, мој Хасане, вели, а не како некој плиток јаз што брзо истекува”.

“Абре, аман”, му велам јас на Хасана.

Не знаев што да речам.

Тој почека еден момент, се помрдна во креветот, го покри голото стапало под ќебето, и пак продолжи:

“Јас слушам и се ѕверам во неа. Право да речам, ми дојде убаво што слушам така да ми вели, зашто излегуваше дека Јакута не е како оние курвиштана, онака ептен директни, туку дека е деликатна и обѕирна. Сабота вечер да бидеш тука непремено, амп; велам. Без тебе не правам ни веселба, ни јадачка ни пијачка, ниту пак чочеци и азганисувања. Ако треба ќе ти пуштам шест пајтони да дојдеш и да влезеш дури во двор до самите маси.

Знам бре Хасане, ми вели таа, дека си ти од збор и дека така ќе направиш и никако поинаку, туку јас сум си стално некако во неволја, се во истите басми, една свила, пери носи, срам ми е да се појавам пред твоите гости, сите кој од кој понамирисан и која од која подотерана, а јас како некоја пепелашка, последната меѓу последните, а и не личи јас со чочеци…

Јас ја загледав и малку се замислив. Безбели знаев што сака да каже таа, ама мажов не собра душа да се одбрани, туку пак се предаде, што би се рекло, без борба. За тоа, амп; велам, ич да не се саклдисуваш, остави ми мене. Само ти види што треба и како треба. Тогаш Јакута со толкава милозливост ме прегрна со двете раце околу вратот и дури, за една мала минутка, ми ја даде и устата што јас, да признам, одвај останав простум и матно ја гледав како заминува низ портата… И, така, таа идеше кај мене с# подотерана. Јас самиот амп; велев да си купи нови елечиња, белило и црвило, и пешки да не ми доаѓа, туку само со пајтон и само со мојот момок. Парите во Отоманската банка летаа. Мајка ми пак са ноќ и са ден кукаше и прсти кршеше, не можев да ја гледам. Хасане, сине, знај мил на мајка, ми вели, дека с# што брзо истечува, брзо секнува, туку удри се по глава. Треба да знаеш, синко, ми вели, дека е речено, оти луѓето доаѓаат до дрвјата додека имаат плодови, а кога ќе се соберат плодовите, веднаш си одат. И така излезе најпосле. Другар еден не остана од тие што азганисуваа кај мене. Мајка ми, кога ќе ја видеше Јакута, почнуваше да немее од бес, а пак и Јакута, исто така. Почнав по бањи да одам со Јакута, а еднаш дури до Стамбол и до Маниса ја однесов. Каде и да одевме на пат подалеку од Битола, со нас доаѓаше некоја нејзина вујна, мирна и неизисклива жена, за да ја придружува. Не личело сама девојка да оди далку со некого. Таа со Јакута спиеше посебно. Веруваш, Јакута не ми се даваше докрај. Ќе седне, ќе го поткрене фустанот, сенким случајно, ќе ми ја покаже белината, да простиш, дури до горе, ќе земе да се пресоблече пред мене, пак како случајно, ќе ми ја даде и устата, а пак ќе избега. И с# така. Почекај, та почекај, имало време… Парата секна. Се испразни Отоман банк. И магазата се истроши. Остана само куќата. Ќе се продава! Мајка ми собра сили да ме фати за гуша. Кога амп; кажав на Јакута, таа ми вели:

Отепај ја мајка ти, уби ја, Хасане!”

Во еден момент, дури молчевме, вратата повторно полека се отвори и пак некоја жена влезе во собата. Светлото изгаснато. Одејќи внимателно, на прсти, влезе во нужникот. Потоа излезе, а се појави друга. И така, полека, почнаа да влегуваат жени. Цела редица чекале надвор една по друга. Што била работата? Се покажа дека во соседната голема сала лежеле многу жени, оперирани или што чекале за некаква операција. Таму, за тој голем број пациенти, во ходникот, имало само еден нужник, а уште иделе и од другите соби. Хасан се вознемири. Запре со кажувањето. Јас ја викнав дежурната сестра и побарав да запре оваа инвазија на мочли. Таа вети дека ќе каже дека е забрането, но најефикасно беше ако ја заклучиме вратата. Јас станав, отидов и заклучив. Потоа легнав и молчевме. Се плашев да го прашам Хасана што се случило натаму. И тој молчеше. По некое време сум заспал. Не знам што правеше тој, но кога станав ноќта да се напијам вода, го слушнав како грчи. Утрото околу девет часот помина визитата и, како што реков, хирургот ни рече на двајцата дека сме биле во добра форма и дека сме можеле да земеме за храна што ни е по волја. Гледав дека Абул Хасан не се пушта да зборува, избегнуваше, прелистувајќи некаков Алманах со слики и со куси текстови за османските династии, што му го дал некој историчар. Осетив дека не сака денски да раскажува, туку дека сака во темно, додека лежи на плеќи. Доцна, кога се стемни, ми вели:

“Заклучи ја пак вратата како сношти”.

Јас станав и ја заклучив.

“Што ти кажував вчераноќ?”, ме прашува.

“Ми кажа што ти рекла Јакута за мајка ти”, реков јас.

“Аха”, стори Хасан и продолжи: : “Поминаа неколку дена откога ми го рече Јакута тоа за мајка. Во тие денови јас ослабев пет кила. По два-три пати ноќе одев кај што спиеше мајка со свилен гајтан за давење в раце. Ќе ја видам, во лицето стопена, како копче и ќе ја оставам. Кого да задавам, оваа што лежи со некој здив како на пиле? Ми израсте брада, не се бричев, и носот, ми се чини, ми стана како ченгел. Ме гледа, ме гледа тие дни мајка, ми доаѓа со очите в лице. Што ми се топиш, синко, штотуку ми страдаш толку, јунаку, ми вели. Јас молчам. Таа ме гледа, ме гледа, туку едно време вели: Ако ти е за куќата, вели, еве продај ја. Џенем нека оди куќата. Тешким ти да си ми здрав, кахрамену! Јас ја веднам главата. И ништо друго во тој момент не ми дојде пред очи, туку само Јакута. Дертот беше ми ја претставил пред очи…

Ја продадовме куќата. Мајка ми ја сместив во еден пансион, поправо старски дом. Еднаш ја посетив. Арно ли ти е овде? амп; велам. Поарно не може да биде, мој Хасане, ми вели. А таму една нечистотија, една смрдеа. Со дел од парите јас зедов една мала куќа на крајот од Дембел чаршија. Јакута стои, сака нешто да каже, а не кажува. Што молчиш, мори Јакуто, амп; велам, кажи збор. За куќата, вели едно време срамежливо, нема да е на мое име? На твое, ами на чие, не почекав јас. Таа толку се израдува и се отвори како некоја чашка цвет што се отвора. Се зеде куќата. Ама Јакута не дојде да живее со мене таму.

Не сум спремна, мој Хасане, ми вели, и мала сум, како фиданче мало, седумнаесет години, почекај уште една година да пораснам и да се спремиме со пљачка. Ти си друго, вели, ти си искусен, и арно повозрасен и силен, Абул Хасане…

Јас не свртив внимание на тоа што го кажува, не ја слушав добро зашто брзав да амп; речам дека срцето ќе амп; го дадам, срцево ќе ти го дадам, Јакуто, амп; велам, и планинана и ѕвездине ќе ги урнам на земја за тебе, а не пак пљачка и спрема, амп; велам. Зедов, извадив од чекмеџето една рака пари и амп; ги фрлив во скутот и зедов да ја пикам главата под фустанот и да се лигавам со устата оздола од членките на стапалата па нагоре. Сетне и во Истанбул ја однесов. Ја однесов во Истанбул, во Капали чаршија, зедов и еден брод да н# вози дури до Мраморно Море и назад. Сакам свила од Маниса, ми вели. И јас ја зедов за рака и како од шега појдовме до Маниса, долу, и изнакупивме многу свила, лесна и со бои очи да ти истечат… Слушаш“, ме прашува Хасан и се подзавртува кон мене да види дали вистина го слушам.

“Слушам”, му велам јас, “како не ќе слушам”.

“И не велиш ништо”, вели.

Јас молчам. Што да речам, ем го разбирам, ем не го разбирам. Гледам дека не е будала, сигурно не бил ни тогаш. Некој ќе ти рече, имал глава, требало да мисли. Ама не е само главата. Да е само главата, ќе ја удриш од земја, ќе се расцепи, и толку.

“Се потрошија парите”, вели Хасан, “дури на пајтонџијата му останав должен. Еден ден, гледам, дури бев јас во чаршијата, Јакута викнала мајстор за врати, ги извадила старите клучалници и клала нови со нови клучеви. Малку подоцна дознав за тоа. Еден ден, на излезот од чаршијата, кај Ленски Мост, гледам една жена, подостарена, поднаведната. Ем ја познавам, ем не ја познавам. Ја познавам, си велам, само треба поодблиску. Гледам, Авнија, што прајш, како си, мори Авнијо, амп; велам, ама како со половина уста. Стари рани. Арна сум, вели, како ќе бидам, теглам од пазар, убо е да ми поможиш до дома. Ја зедов едната мрежа, од канап, и одиме.

Си велам, во себе, дали случајно ме среќава женава? Во младоста, неколкупати ја носев ноќе под едно сениче далеку во еден ќош од дворот кај мене. Се сеќавам, еднаш ми вели: Ќе ми дадеш збор, Хасане, дека нема да ме натрудниш, дека белким нема да ме запустиш, не дај господе! Не реков ништо, се насмеав, познати, женски зборови, си велам. Подоцна имав чуено дека нашла некого и еден број години живеела во Ресен, а потоа пак се вратила. Одиме, се поттурнуваме во луѓето што врват покрај нас, и повеќе молчиме отколку што зборуваме. Стигнавме долу, до почетокот на Баирот, и влеговме низ едно вратниче до куќата. Сиромашно, две сопчиња, надвор неколку крпи се сушеа. Раскомоти се, ми вели и зеде да става кафе. Од другото сопче се слушна мрдање и шумење. Дојди, дојди, вика Авнија, тука сме. Не рече тука сум, туку тука сме. Оттаму, од другата соба, дојде, ама знаеш кој дојде?”

“Не знам”, му велам јас на Хасана.

“Јакута”, вели. “Јакута влезе”.

Потоа Хасан направи мала пауза и ми побара чаша вода. Тој остана да лежи на креветот со едната рака под главата на перницата, а другата исправена покрај него. Десната нога му беше свиена во коленото и така свиткана ја држеше под ќебето. Станав, не запалив светло, онака потамина му донесов вода, му ја подадов чашата и пак си легнав. Ја испи водата на две голтки, а потоа продолжи:

“Знаеш што ми рече Авнија?”, ми вели.

“Не знам”, му велам пак јас.

“Оваа е Јакута”, ми вели, “твојата ќерка”.

Јас се тргнав, се препнав на креветот. Се исправив на лактите. Погледнав кон него, кон Хасана, во темното да му го видам лицето, но тој гледаше пред себе, и можев само да му го видам профилот наспроти светлината од прозорецот.

“А потоа?”, реков колку нешто да проговорам.

“Потоа ме истуркаа надвор, на студот”, вели Хасан, “беше вака како сега, еден сув студ и магличаво и сињкаво”.

Дури молчевме, се слушна како градскиот саат отчукува десет. Беше тивко во темното можеби една минута, можеби и повеќе, дури јас не се обидов разговорот да го свртам божем на некаква шега.

“Како беше она, Хасане”, му велам, “она, ако те обожавам поради тебе самиот, Господе, не лишувај ме од твојата вечна красота”.

“Сега е доцна”, вели од темницата Хасан.